ПРИНЦОТ ХАРИ И МЕГАН ЈА ЗАКАЖАА СВАДБАТА НА 19 МАЈ

Лондон, (Би-Би-Си)

Следната свадба во британското кралско семејство е закажана за 19 мај наредната година.

Палатата Кенсингтон денеска и официјално соопшти дека тоа е денот кога ќе се венчаат принцот Хари и Меган Маркл.

Хари и три години повозрасната Американка се свршија на 1 декември и во прв момент само објавија дека свадбата е планирана за пролет.

Венчавката ќе се одржи во капела во замокот Виндзор, кралската резиденција западно од Лондон, се вели во соопштението, додавајќи дека Хари и Меган ќе ги поминат божиќните празници со кралицата во Сандрингем.

Целата церемонија ќе ја плати кралското семејство, што ги вклучува услугата, музиката, цвеќето и приемот.

Интересно е што свадбата се совпаѓа со финалето на англискиот фудбалски куп, на којшто братот на Хари, принцот Вилијам, вообичаено присуствува како претседател на Фудбалската федерација.