Новинарот и музички критичар Михајло Грбевски-Мишко утре (18 јули) ќе ја промовира својата прва книга „Rock N`Beat“, што ќе се одржи на платото пред музичкиот салон „До Ре Ми“ во Младински културен центар, со почеток во 12 часот. На настанот ќе настапи кантавторот Јаков Дренковски.
Книгата содржи 50-ина интервјуа со домашни и странски музичари кои биле објавени во повеќе печатени медиуми во кои работел Грбевски, како „Екран“, „Време“ и „Нова Македонија“.
„Оваа книга е мој прв публицистички обид и претставува сублимат на мојата новинарска работа во делот на рок-критиката. Во оваа моја прва книга се вклучени само интервјуа, но ова е само почеток на она што имам намера да го правам во наредните години. Во план ми е да објавам и книги со други новинарски форми, како што се рецензии на концерти и албуми“, вели Грбевски.
Книгата е поделена на четири поглавја: Рок-пролет, Вечен бунтовник, Валкан Балкан и Звукот на подземјето. Тука можат да се најдат интервјуа со Гарабет Тавитјан, Влатко Стефановски, Горан Трајковски, Џони Ротен, Ијан Гилан, Дејвид Ковердејл, Били Гибонс, Ал ди Меола, Душан Којиќ-Која, Зоран Предин, Давор Гобац, „ТБ Трачери“, „Суперхикс“, „Санаториум“, „Смат“ и други.
Фото: Д. Петровски