ПРОПАДНА НАГРАДАТА ОД 30 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОТИ НИКОЈ НЕ УСПЕА ДА ОТИДЕ НА МЕСЕЧИНАТА

Њујорк, (Мешабл)

По десет години и по голем број одложувања и продолжувања, Лунарното натпреварување на Гугл заврши без да се добие победник.

Никој нема да ја добие главната награда од 30 милиони долари, откако ниту една приватна компанија не успеа да прати вселенско летало на Месечината и да одработи серија задачи.

„По неколкумесечните консултации со петте тима финалисти на натпреварувањето, заклучивме дека ниту еден од нив нема да направи обид да летне на Месечината до крајниот рок, 31 март 2018. Овој предизвик е тежок, но очекувавме да имаме победник досега. Сепак, од финансиски, технички и други проблеми на тимовите, главната награда од 30 милиони долари ќе остане недоделена“, се вели во соопштението на организаторот „Екс прајз“.

Во почетокот на еуфоријата, десетици тимови учествуваа во натпреварот, па иако никој не ја оствари целта, оваа програма помогна во јавноста многу повеќе да се зборува за комерцијалните летови на Месечината.

„Многумина сега веруваат дека летови на Месечината веќе не се ексклузивно право на владини агенции, туку нив можат да ги остварат и бизнисмени, инженери и иноватори од целиот свет“, додаваат од „Екс прајз“.