СЕ ИСТРАЖУВА НОВИОТ АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ ТРЕСКАВИЧКА ЧУКА ВО КОНЧЕ

Штип, СMARTСДК.МК)

По реконструкцијата на патот за селото Долни Липковиќ, изградбата на цевководот за селото Ракитец, регулацијата на Дединска Река и подобрениот пристап до езерото Мантово, Општина Конче веќе може во својата мапа за активен рурален туризам да го постави и новиот археолошки локалитет Трескавичка Чука. Штипски археолози летово интезивно работат на заокружувањето на новото археолошко наоѓалиште кое се наоѓа северозападно од селото Конче. Во акцијата се вклучени стручни лица и од Струмица, Прилеп и Скопје.

 

„Локалитетот е позициониран веднаш до десниот северен брег на реката Крива Лакавица, односно денес на вливот на оваа река во акумулацијата Мантово. Овој локалитет е утврдување со воен карактер на неговиот врв каде што на рамното плато се наоѓаат остатоци од тврдината која егзистирала во минатото, односно во доцната антика или рана Византија, а некои наоди наведуваат и на средниот век“, вели директорот на Завод и Музеј Штип Митко Штерјов, кој раководи со најновите истражувања.

 

Штерјов е доктор по археологија и смета дека Трескавичка Чука има големо значење затоа што по текот на реката Крива Лакавица се наоѓа трасата на многу важен антички пат со хронолошка рамка на утврдено егзистирање и во средниот век, кој поминувал во овој дел на Македонија поврзувајќи големи трговски и воено-политички центри, како што се големите антички градови на територијата на денешните современи регионални центри Штип и Струмица преку територијата на денешна Општина Конче.

 

Општината својот алтернативен туризам почна да го развива уште пред десеттина години, кога во близина на браната Мантово се изградија летниковци и десетина дрвени бараки, некои поставени на големите дабови дрвја.

 

„Како презентација на оваа дрвена населба наречена Влашки колиби, една дрвена куќа на дрво е поставена и во Конче која го приклекува вниманието на сите посетители на овој живописен крај. Некои од дрвените куќи кај Мантово имаат мали оштетувања па работиме на тоа да бидат обновени. Единствена пречка во претходниот период беше една законска обврска најмалку пет години бараките да не се употребуваат, па во овој контекс бараме начин како и ова правно прашање да го регулираме па да може оваа населба со заедничко пертнерство уште подобро да функционира и да биде достапна на заинтересираните граѓани“, вели градоначалникот на Конче Златко Ристов.

 

Т. ЈОВАНОВСКИ