СЕ РОДИЈА ДВЕ ЏУЏЕСТИ МАРМОЗЕТИ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во скопската Зоолошка градина се родија две џуџести мармозети. Тие се сметаат за најмали мајмуни на светот и тежат најмногу до 100 грама.

„Токму затоа, и двете бебиња сè уште се тешко видливи со голо око. Тие постојано се на грбот на својата мајка и за нив се грижи целата група“, велат од Зоолошката градина.

Во октомври годинава скопската Зоолошка градина ќе прослави 100 години постоење. Во октомври 1926, биологот Станко Караман ја поставил основата на Зоолошката градина во рамките на Градски парк. Неговата визија била јасна и напредна за своето време, ЗОО Скопје да биде современ простор за едукација, научен пристап и хуман однос кон животните.