Осумнаесеттото издание на Штипска пастрмалијада ќе се одржи на 18 и 19 септември, а штипскиот специјалитет ќе се служи во угостителските објекти низ градот и на десетина штандови на шеталиштето „Ванчо Прќе“. Најавена е целодневна музичка програма со пејачи и групи претежно од Штип.
За разлика од минатата година, пастрмалија ќе има и на Градскиот стадион, каде што на 19 септември ќе се одржи главната концертна програма.
„Предвидени се повеќе штандови на стадионот, кај трибините и околу него, за гостите да можат да уживаат во музичката забава со штипскиот специјалитет, за кој специјално доаѓаат. Цената на пастрмалијата ќе биде 250 денари“, вели координаторот на манифестацијата Горан Арсовски.
На 19 септември на Градскиот стадион ќе настапат Јован Јованов, Елвир Мекиќ и српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ.
Утре (18 септември) од 13 часот на штипското шеталиште ќе биде претставена џиновска пастрмалија, долга 2,10 и широка еден метар. Мајсторите од „Штипски сокак“ ќе ја подготват со 25 килограми тесто и 17 килограми месо.
Од Општина Штип најавуваат посебен сообраќаен режим и дополнителни паркинг локации поради очекуваната голема посетеност.
Т. ЈОВАНОВСКИ
Фото: Од ланскиот концерт на Дино Мерлин на стадионот