„СТАТУАФЕСТ“ ПО ДЕСЕТТИ ПАТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Десеттото издание на фестивалот на живи статуи „Статуафест – Другото лице на улицата“ ќе се одржи од 17 до 19 септември на Плоштад Македонија и на улица Македонија во Скопје. Програмата почнува во 18:30 часот.

Ќе има 15 улични акти со живи статуи, во кои ќе учествуваат над 20 артисти од продукцијата на „Театроск“, организатор на фестивалот. Мотото на јубилејното издание е „Слобода е да не го правиш она што не сакаш да го правиш“.

Во рамките на фестивалот ќе бидат поставени и уметничката инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски, составена од рачно стилизирани светлечки човечки фигури и ликовната изложба на Ненад Рафајловски, инспирирана од живите статуи и визуелните улични акти што „Театроск“ ги создавал и изведувал во изминатите години.

Фото: К. Попов