ШВАЈЦАРСКАТА ЖЕЛЕЗНИЦА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБРА ВО ЕВРОПА

Женева, (Гардијан)

Швајцарската федерална железница ја нуди најдобрата услуга во Европа, се вели во еден нов извештај, во којшто го зазеде првото место во четири категории.

Истражувањето го спроведе сервисот за онлајн резервации „Локо2“ и ги опфати речиси сите европски национални железнички компании кои имаат брзи возови и дневни линии на релации од најмалку 400 километри.

За семејни патувања, швајцарската железница е број еден во Европа и во нејзини меѓуградски возови дури постојат специјални зони за деца.

Швајцарците, заедно со шпанската компанија „Ренфе“, нудат најдобри услови и за патниците со физички хендикеп, на кои им се обезбедува „софистицирана и внимателно координирана помош“.

Германската „Дојче бан“ доби највисоки оценки за својата политика на одржливост и за фаворизирање на електрични возови. Патниците добиваат попуст на топли пијалоци ако имаат своја шолја.

„Дојче бан“ и австриската железница се на првите два места за туристите, на кои не им се бараат резервации, а им се обезбедуваат бесплатен интернет и голем простор за багаж.