СЛОВЕНЕЧКАТА МОНОДРАМА „БЕЗГРЕШНА“ ГОСТУВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва (3 април) од 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) гостува Словенско народно гледалишле – Драма од Марибор со монодрамата „Безгрешна“. Претставата на актерката Наташа Матјашец-Рошкер е инспирирана од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и e омаж на истакнатиот словенечки режисер Томаж Пандур. Тој почина во Скопје во 2016 на 53 години за време на проба на претстава.

Драматизацијата и адаптацијата се на Ливија Пандур и Томаж Пандур.

„Никогаш не сум се плашела од форматот монодрама. Мислам дека ова ми е четврта досега. Помеѓу монодрамата и публиката секогаш се создаваат една посебна врска и длабока концентрација при изведбата. Ова е моето најдраго актерско искуство. Ова беше и моја прва соработка со Томаж Пандур, во момент кога и двајцата бевме созреани за една ваква соработка. И оваа наша прва професионална средба беше посебна и интензивна“, вели Рошкер.

Претставата има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Награда за најдобра актерка на фестивалот „Мителфест“ во Италија во 2021.