„Денес во ова ново време, кога живееме за телефоните, како да не живееме. Поточно, денес не живееме. Точка. Затоа на овој стендап ќе се обидеме да ги излечиме луѓето од тој живот, да ги насмееме во живо“, рече актерот Атанас Атанасовски на денешната прес-конференција во Скопје пред новото стендап шоу на Тино и Атанас, „На линија“, кое ќе се одржи на 21 и 23 ноември од 20 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Атанасовски додаде дека за нив како комичари е најтешко да останат сериозни кога луѓето околу нив се смеат.
„Кога создаваме стендап, се водиме по тоа дали на нас ни е смешно. Ако она што го зборувам ми е смешно мене, тогаш верувам дека ѝ е и на публиката“.
Тино Костадиновски рече дека му е драго што со последниот стендап „(Нат)просечен Македонец“ гостувале во цела Македонија и низ Европа.
„Сакаме и сега да го најдеме последниот Македонец на светот и да го насмееме“, рече Костадиновски и се сети на неговиот прв заеднички стендап со Атанасовски во Универзална сала во 2013, на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, кога глумеа заменски водители.
„Првиот стендап ни беше многу лош. Тогаш ми личело на нешто многу добро, но сега кога ги гледам снимките, не мислам така. Ова ново шоу се вика ‘На линија’ и има симболично значење, за онаа линија која нѐ поврзува сите, колку и да сме различни како луѓе“, рече Костадиновски и додаде дека по ланските шест продадени сали во Скопје има добар материјал во Македонија за стендап.
„Толку работи се случија оттогаш, што не можеме сите да ги кажеме во еден стендап. Собираме зимница за некои други шоуа“, рече Атанасовски.
Организаторот на настанот, Ален Хаџиќ од „Тикетс.мк“, кажа дека Тино и Атанас се едниствените Македонци кои продале шест сали и имале настапи низ цела Македонија, а тоа се 40-50.000 луѓе.
Специјални гости ќе бидат актерите Александар Михајловски и Антонио Ташковски, кој рече дека му е драго што ќе биде гостин на шоуто како актер од новиот бран на стендапот.
Актерите на крајот добија плакети од Македонскиот олимписки комитет, при што им беше кажано ако ја наполнат салата десетпати, десеттиот пат „Јане Сандански“ ќе ја добијат гратис.
М. ЏАРОВСКА