Издавачката куќа „Темплум“ го објави графичкиот роман „Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ од канадскиот автор Честер Браун. Преводот од англиски го направи Ивана Галапчева. Книгата има 292 страници и е 11. издание во стрип едицијата „Лифт“.
Се работи за графички роман од 2011, кој предизвика контроверзи не само во Канада, туку и нив светот, а како четиво кое адресира важни прашања за сексуалната работа, доби поддршка од движењата за правата на сексуалните работници.
„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој Браун емпатично и внимателно ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата. Тој ги документира своите средби со триесетина проститутки, а невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија, во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа.