ИНДИСКИОТ ПРЕМИЕР ЈА ПРОМОВИРА ЈОГАТА КАКО ШТИТ ОД КОРОНАВИРУСОТ

Њу Делхи, (Индипендент)

Индискиот премиер Нарендра Моди ја промовира јогата како начин на создавање „имунолошки штит“ од коронавирусот, додека земјата се соочува со неговото нагло ширење и моментално е четврта на светот според бројот на заразени.

Моди, кој редовно практикува јога, испрати порака преку Јутјуб во пресрет на Светскиот ден на јогата, што Обединетите нации пред шест години го прогласија на негова иницијатива.

„Сите знаеме дека никаде на светот досега не е развиена вакцина против КОВИД-19. Токму затоа, само силен имунитет може да дејствува како штит или одбрана. Јогата е нашиот верен пријател во изградбата на тој имунолошки штит“, кажа Моди.

Индискиот лидер не само што е посветен вегетаријанец, туку во 2014 година отвори министерство за промовирање јога, ајурведа и други традиционални индиски третмани.