ТРИДНЕВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА СОВРЕМЕНАТА АВТОНОМНА МАКЕДОНСКА КУЛТУРА ВО СОЛУН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кинопроекција, концерт на електронска музика, изложба на графики во сито печат и радиоемисија ќе бидат дел од презентацијата на современата автономна македонска култура и уметност во Солун. Настаните ќе се одржуваат од денеска до недела во мултифункционалниот културен простор „To Pikap“.

Вечерва ќе се прикаже документарниот филм „Ако никој не свири“, во режија на Ѓорѓи Јаневски, кој ги следи турбулентните почетоци на бендот „Бернајс пропаганда“. Притоа ќе се одржи разговор со авторот.

Утре на програмата е концертот на Александар Ордев и Максимилијан Сарајлија, чиј звук се опишува како модуларна електроника.

В недела ќе се емитува четвртата епизода од радиосеријалот „Скопје и Солун, музика и другарство“, чии автори и водители се Ѓорѓи Јаневски и Николас Псатас, а потоа се отвора изложбата „Буниште“ на Тома Димовски.

Овој настан се одвива во рамките на едномесечниот резиденцијален и истражувачки престој на Јаневски во Солун.