ЦЕНТАРОТ ЗА ШПАНСКИ ЈАЗИК „КАСТА ДИВА“ ЈА ДОДЕЛИ СТИПЕНДИЈАТА „МАРКО КАБРАНОВ“ НА ДВЕ УЧЕНИЧКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Центарот за изучување на шпанскиот јазик „Каста дива“ од Скопје на традиционалната новогодишна забава ја додели стипендијата „Марко Кабранов“ на две свои ученички. Шпански јазик во училиштето бесплатно ќе учат Звезданка Тортевска и Марија Милкова. Наградата им ја доделија Јасмина Никуљски и Ненад Велковски, сопствениците и професори во училиштето.

„Марко Кабранов беше хуманитарец и активист и затоа во негова чест пред 13 години, кога физички си замина, ја основавме оваа фондација и доделуваме стипендии на нашите ученици“, рекоа професорите.

Марко Кабранов беше еден од основачите на хорот „Распеани скопјани“, кој почна да настапува под името „Плоштад Слобода“. Беше и дел од здружението „Прва архи бригада“, кое го организираше првото архитектонско востание против изградбата на верски објект на скопскиот плоштад во 2009. Загина во сообраќајна несреќа кај Охрид во септември 2011.

Тимот на училиштето денеска (23 декември) беше на прием во Шпанската амбасада во Скопје (фото).

„Каста Дива“ е единствениот специјализиран центар за изучување на шпанскиот јазик во Македонија и е поддржан од испитниот центар на шпанскиот институт „Сервантес“. Доделува дипломи од Институтот, што го формираше шпанската влада во 1991.

М. ЏАРОВСКА