ВО ПЕРУ ОТКРИЕНИ ФОСИЛИ НА НАЈГОЛЕМОТО ЖИВОТНО ВО ИСТОРИЈАТА, КИТ ТЕЖОК НАД 300 ТОНИ

Лима, (Би-Би-Си)

Синиот кит можеби го изгуби приматот на најголемо животно во историјата на Земјата. Така велат научниците кои заклучиле дека фосилите ископани во Перу припаѓаат на древен кит кој бил долг 20 метри и тежок до 320 тони, што ја надминува масата на најголемите познати животни, како денешниот син кит и најголемите диносауруси.

Perucetus colossus живеел пред 38-40 милиони години во геолошката епоха еоцен и неговото име значи „огромен перуански кит“.

„Главната особина на ова животно е екстремната тежина, што сугерира дека еволуцијата може да создаде организми чии карактеристики ја надминуваат нашата имагинација“, изјави италијанскиот палеонтолог Џовани Бјанучи, кој беше водач на истражувањето.

Се проценува дека само скелетната маса имала меѓу пет и осум тони

Минималната проценета тежина на пероситус била 85 тони, а просечната 180 тони. Најголемиот познат син кит тежел 190 тони, но бил подолг од пероситус – 33,5 метри. Аргентиносаурус, вид диносаурус кој живеел пред 95 милиони години, имал тежина од околу 76 тони.

Делумен скелет на пероситус бил ископан во крајбрежна пустина во јужниот дел на Перу уште пред 13 години, но биле потребни три години за негово префрлање во Лима, каде што оттогаш бил проучуван. Коските биле невообичаено обемни и исклучително густи и компактни. Се проценува дека само скелетната маса имала меѓу пет и осум тони. Не се пронајдени остатоци од черепот и забите, па тешко може да се каже со што се хранел.