ВО СКОПЈЕ ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ ЗА ЕВРОПСКА ЛИТЕРАТУРА „БУКСТАР“, ВО ФОКУСОТ СЕ ДОМАШНИТЕ АВТОРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот за европска литература „Букстар“ по 11. пат почнува вeчерва (29 септември) во Културно-информативниот центар во Скопје и ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе бидат во КИЦ, а дел од програмата ќе се одвива и на други локации.

Годинашниот фестивалски слоган е „За писателцките работи“, инспириран од делото на Крсте Петков Мисирков во пресрет на јубилејот 100 години од неговата смрт.

„Фестивалот во фокусот на својот интерес годинава ги става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува“, вели организаторот, издавачката куќа „Антолог“.

Публиката ќе има можност да чуе разговори со домашните автори Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски и други. Гостуваат и Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).

За време на фестивалските денови ќе има бројни настани, како подкасти, разговори, средби со млади читатели и потпишување книги. Како ексклузивен настан е најавен „На кафе со Ахмет Умит“, на 2 октомври во трговскиот центар „Рамстор“. Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.

Во рамките на фестивалот ќе биде доделена наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.

 

 

 

.