Пловечки уред дизајниран да собира пластичен отпад повторно беше поставен во Тихи Океан со цел да исчисти огромен остров од ѓубре меѓу Калифорнија и Хаваи.
Бојан Слет, креатор на проектот „Ocean Cleanup“, објави на Твитер дека 600 метри долгата пловечка бариера која се скрши минатата година повторно е поставена во океанот по четири месеци поправка. Таа првпат беше поставена во септември, но по четири месеци на море, се скрши под постојаниот налет на бранови и ветер, па не ја задржуваше пластиката што ќе ја фатеше во своја стапица.
„Се надеваме дека природата овојпат нема изненадувања за нас. Во секој случај, научивме многу од ова“, изјави Слет.
Опремена со соларни светла, камери, сензори и сателитски антени, уредот цело време треба да ја покажува својата позиција, за да можат бродови на неколку месеци да ја соберат пластиката што ја има уловено и да ја превезат на копно.
Се проценува дека во овој регион има 1,8 трилиони парчиња пластика. Бариерата е опремена со три метри длабок екран, со што го запира отпадот, а не му пречи на морскиот живот.