Во Ликовниот салон во Велес е отворена патувачката изложба „Калиопа – Австрија-Македонија“. На десетина паноа се претставени жени од Австрија и Македонија кои со делата што ги создале и оставиле се значајни имиња во историјата на уметноста во двете земји. Изложбата ја организира Австриската амбасада и ја отвори амбасадорот Мартин Памер.
„Калиопа, најстарата и најмудра од античките музи, е претставничка на епската поезија, науката и филозофијата. Оваа изложба е пригода да се потсетиме и да регистираме колку жените напредувале низ годините, но и што треба да направиме за да обезбедиме еднаквост. Преку фотографии и текстови од последните 200 години презентираме Австријки кои со големите достигнувања, храброста и борбеноста оставиле белег во својата земја и ја збогатиле нејзината историја. Тоа се познати писателки, научнички, музичарки, активистки за женски права, политичарки, аристократки, владетелки, уметници. Ќе научиме многу за австриската историја“, кажа Памер.
Заедничка тема е борбата на жените за еманципација, со сите нејзини триумфи и неуспеси.
За изложбата говореше и директорот на ЕВН, компанија која го финансираше богатиот четиријазичен каталог во кој се впишани сите жени поставени на паноата. Меѓу нив се и македонските сликарки Катја Ефтимова, Кираца Висулчева и Лена Стефанова и вајарката Борка Аврамова.
Изложбата после Велес заминува во други македонски градови.
П. ПЕЧКОВ