ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ ВОВЕДОА НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР ПОДКАСТ, ИЗБЕГНУВАЈЌИ ПОЛИТИКА И КОНТРОВЕРЗИ

Лос Анџелес, (АП)

Златните глобуси оваа година ја претставија наградата за најдобар подкаст, а со изборот на номинираните бил направен обид да се избегнат политика и контроверзи.

Шесте номинирани за најдобар подкаст се „Armchair Expert with Dax Shepard“, „Call Her Daddy“ на Алекс Купер, „Good Hang with Amy Poehler“, „The Mel Robbins Podcast“, „SmartLess“ на Вил Арнет, Џејсон Бејтмен и Шон Хејс и „Up First“ на медиумската организација „НПР“, што претставува мешавина од вести, совети и интервјуа со познати личности.

На листата не се најдоа подкастите на Мегин Кели, Такер Карлсон, Бен Шапиро и Џо Роган, кои традиционално имаат конзервативна содржина, но и популарни криминалистички програми.

Бен Богардус, професор и претседател на одделот за новинарство на Универзитетот Квинипијак во Конектикат, рече дека се чини оти гласачкото тело на Глобусите сакало да избегне каква било контроверзност, како што е поканување подкастер кој би можел да каже нешто спорно на церемонијата.

„Подкаст индустријата порасна во изминатите 25 години, при што се оддалечи од своите корени во радиото, давајќи им на водителите слобода што креаторите на содржини во другите медиуми ја немаат. Влегувањето во сферата на доделување награди покажува дека таа се издигнала во посебен вид на комуникација што луѓето ја консумираат и може да биде на исто ниво со телевизијата, радиото, стримингот и социјалните мрежи“, кажа Богардус.

(Фото АП: Меѓу номинираните се Алекс Купер, Ејми Полер и Декс Шепард)