Мајкл Џеј Фокс се приклучи кон апелот да се пронајде гитарата од првиот филм „Враќање во иднината“, на која неговиот лик Марти Мекфлај свири на средношколска забава. Авторите на филмот сакале да ја вклучат гитарата и во продолжението од 1989, но не можеле да ја најдат.
Четири децении од премиерата на еден од омилените филмови од 1980-тите, креаторите на црвената гитара „гибсон ЕС-345“ започнаа голема потрага по неа. Компанијата од Нешвил побара помош од јавноста да се лоцира гитарата, што е дел од нов документарен филм, насловен „Lost to the Future“.
Во видео објавено од „Гибсон“, ѕвездите на филмот Фокс, Кристофер Лојд, Леа Томпсон и Хари Вотерс Џуниор упатуваат апел до јавноста.
„Гитарата е изгубена во иднината“, вели Лојд, а Фокс додава:
„Изгубена е некаде во временско-просторниот континуум. Или е во нечија гаража“.
Во филмот, Марти Мекфлај менува повреден член на бендот на средношколска забава во 1955 и притоа ја свири рокенрол химната „Џони Би Гуд“, која во тоа време не ни постоела. Во продолжението свири гитарско соло во стилот на Џими Хендрикс и Еди ван Хејлен, на општа зачуденост на присутните.
„Мислам дека уште не сте спремни за ова. Но, вашите деца ќе го сакаат“, вели Мекфлај.