Ако некогаш сте се почувствувале виновни што сте го оставиле вашето дете да си игра со играчки додека одморате, не сте сами. Под притисок да бидат постојано присутни, многу родители ја сметаат самостојната игра на детето за личен неуспех, иако тоа е клучна развојна пресвртница за секое дете. Не само што ги зајакнува моторните и сензорните вештини и ја поттикнува креативноста, туку им дава и драгоцено време да се опуштат.
Родителската вина е нормална, но кога станува збор за самостојна игра, нема потреба од неа. Клучот е да се запомни дека таквата игра е едукативна.
„Не дозволувајте таа вина да ве совлада. Им давате вештина што им е потребна и ги подготвувате за независност и успех на долг рок. Без разлика дали е бебе, мало дете или дете од предучилишна возраст, вклучувањето во независна игра ќе му помогне да фантазира и да создаде своја забава“, вели Кристофер Манино, советник за родители и автор.
Џенифер Колари, детски и семеен психолог, се согласува и предлага да се размислува за тоа како да им се помогне на децата да изградат добро развиен мозок и да се чувствуваат доволно сигурно за да не им требаат родителите секоја минута од денот.
„Независноста на детето е успех, а не неуспех на родителите“, рече таа.
За бебињата, самостојна игра може да вклучува редење коцки, играње со кадифени животни или гледање вртелешка во нивното креветче. Важно е да им се обезбеди безбеден простор за истражување.
Сосема е нормално малите деца постојано да го бараат вашето внимание. Тие сакаат да ги гледате додека се играат бидејќи тоа им прави да се чувствуваат безбедно и важно. Сепак, како и на возрасните, им требаат граници.
За да му олесните на вашето дете, можете да ги ротирате играчките за да биде секогаш заинтересирано, да создадете безбеден простор за самостојна игра под ваш дискретен надзор или да воведете кратки рутини „време за тебе/време за мене“ користејќи тајмер.
(Фото: Фрипик)