НАУЧНИЦИ РАЗВИВААТ АЛКОХОЛ ШТО НЕМА ДА ПРЕДИЗВИКУВА МАМУРЛАК

Лондон, (Гардијан)

Нов вид на алкохол што ве прави благо пијан, но не предизвикува мамурлак би можел да се појави на пазарот за пет години.

Синтетичкиот алкохол е резултат на неколкугодишни истражувања на тим предводен од професорот Дејвид Нат, поранешен советник во британската влада, кој бил отпуштен од оваа функција откако изјавил дека дрогите се помалку опасни од алкохол.

Наречен „алкарел“, Нат ветува дека овој пијалок „ги имитира сите аспекти на алкохолот што ги сакаме, како друштвеност, опуштеност и забава, но ги нема оние ужасни ефекти кои можат да бидат штетни по здравјето“.

Освен што не предизвикува мамурлак, пијалокот, исто така, нема да ве направи агресивен или без контрола, не е токсичен за црниот дроб, ниту го зголемува ризикот од појава на други болести поврзани со алкохол. Но, и покрај тоа што нема да ги има карактеристичните негативни ефекти, тој, сепак, ќе овозможува чувство на блага опијанетост.

„Знаеме дека алкохолот има и добри и лоши ефекти врз мозокот. Со ‘алкарелот‘ можете да контролирате што сакате да постигнете. Сакаме да покажеме дека тој е поинаков од алкохолот, да ги избегнеме неговите токсични својства и, секако, мамурлакот“, изјави Нат, кој се носи со оваа идеја уште од 1980-ите.

Пред да се појави во продажба, „алкарел“ и неговите молекули ќе бидат ригорозно тестирани, за да се докаже дека е безбеден.