Минус два степени е во Стокхолм, а парковите и патеките за трчање се полни со луѓе кои ја користат паузата за ручек за прошетка или џогирање.
„Ние го правиме тоа преку цела година. Многу енергија се добива на ваков начин. Во Шведска знаеме да кажеме ‘не постои лошо време, само лоша облека‘“, вели фармацевтката Тина Холм.
Својата страст кон природата Скандинавците ја викаат фрилуфтслив, што во слободен превод би значело живеење надвор. Овој израз беше популаризиран во средината на 19. век од норвешкиот писател Хенрик Инзен, кој почна да го користи за да ја опише вредноста на времето поминато на изолирани места.
„Тоа е важен дел од нашите животи. Да се гледа во зелено, вода, шума. Тоа ги засилува нашите ментални и физички способности“, појасни Бо Валунд, раководителот на одделот за развој во една трговска компанија.
Швеѓаните, Данците и Норвежаните денес го користат овој термин за да ги објаснат сите свои активности во природа, а тие вклучуваат трчање низ шума, возење велосипед (односно скии кога има многу снег), дружење со пријатели во сауна или едноставно релаксирање во колиба во планина.
Овој концепт е тесно поврзан со „алмансретен“, што значи право да се талка. Сите скандинавски земји имаат закони што им овозможуваат на луѓето да шетаат и кампуваат каде сакаат, сѐ додека ги почитуваат природата, дивите животни и локалните жители.
Само во Шведска постојат 25 непрофитни организации поврзани со фрилуфтслив, кои имаат 1,7 милиони членови во 9.000 клубови. Според едно истражување, една третина од Швеѓаните наоѓа време за надворешни активности барем еднаш неделно.