Работното секојдневие честопати може да предизвика симптоми на главоболки, оптовареност, нервоза, анксиозност или, пак, тага и депресија. Ако барате решение за да се чувствувате посреќно и порелаксирано секој ден, ви го посочуваме вниманието кон неколку стратегии, за да ја подобрите балансираноста помеѓу работата и животот и да оставите повеќе енергија и време за вас и за другите околу вас.
Создадете навика на дневна прошетка за време на паузата
Јадењето ручек на брзина во канцеларија не е добар начин на живеење, особено ако станува секојдневие. Најздравото што можете да го направите е да излезете за кратка пауза. Испланирајте претходно со колега од работа да излезете заедно на ручек. Ако ви е невозможно да излезете на еден час, тогаш и 30-минутна прошетка може да го намали стресот и да ве освежи. Одете побавно со медитативно чекорење, кое помага во ослободување на умот од тоа што ве чека кога ќе се вратите на работното место.
Создадете време „без уреди“ кога сте дома
Неизбежно е дел од работата да мора да се доврши дома, нешто што им се случува на многумина образовани професионалци, кои најчесто тврдат дека работата им се меша со личниот живот. Ова логично го зголемува стресот. Решението е да издвоите време за целосно релаксирање, каде ќе се фокусирате само на вашиот живот дома. Избегнувајте користење телефон или лаптоп во трпезарија или во кревет, за да поставите поцврста граница меѓу работното и останатото.
Доколку работите од дома, едноставно исклучете го компјутерот на крај на работното време. Иако, можеби, компјутерот стои до вас, важно е дека сте одлучиле дека работното време завршило за тој ден. Наутро, кога станувате, не фаќајте се веднаш за телефонот или лаптопот, за да проверите пораки и мејлови. Наместо тоа, подгответе си едно кафе, облечете се и посветете си малку време на себеси.
Гледајте ја големата слика
Кога посветувате повеќе внимание на вашиот ден, вие ја зголемувате гледната точка, што ви овозможува да ја видите целосната слика за вашиот живот и да преземете контрола врз него. Има неколку начини како да стигнете до тоа, како, на пример, да вдишете и издишете длабоко и бавно трипати, така што ќе влијаете врз телото и обновувањето на енергијата. Друга тактика е да обрнете внимание на изворот на стресот на работа, дали е тоа однесувањето на шефот кон вас или промените на планот.
Одржување здрави врски со луѓето кои се важни за вас е, исто така, многу моќна алатка во менаџирањето на стресните ситуации, без разлика дали се работи за сопруг/а, цимери или роднини. Многу често, и едноставните разговори можат да ви помогнат да развиете подобро чувство за тоа колку сте среќни и дали ви е потребна промена во животот.