Локал во Сан Франциско го нуди најскапото кафе на светот, кое чини 75 долари. „Клеч кофи“ вели дека „Elida Geisha Natural 803“ е најскапо кафе на светот, а тајната е во називот: 803 се однесува на 803-те долари кои биле платени за половина килограм зрна кафе.
Кафето било ставено на аукција откако победило на кафе-натпреварот „Најдоброто од Панама“. Вкупно биле достапни само 45 килограми и со тоа настанала „војна“ во наддавањето. Кафето завршило кај наддавачи од Јапонија, Кина и од Тајван, како и кај една американска компанија.
Компанијата од Калифорнија успеа да обезбеди 4,5 килограми од „Elida Geisha Natural“ и сега го продава по цена од 75 долари за шолја кафе. Но, купувањето не е така едноставно. Прво мора да се направи преднарачка за дегустирање во кафулето во Сан Франциско.
Според интернет-страницата на „Клеч“, кафето има цветна нота и луѓето најчесто детектираат вкусови на јагода, малина и боровинка.