Архитектонското студио на Заха Хадид го заврши стадионот во Ал Вакра, на кој ќе се играат мечеви од Светското фудбалско првенство во 2022 во Катар. Изграден 16 километри јужно од Доха, стадионот има 40.000 седишта и е прв готов од неколкуте нови стадиони кои се градат за Мундијалот.

Вкупно, осум стадиони ќе се користат за првенството, вклучувајќи ги „Калифа“, кој беше доизграден во 2017 и „Лусаил“ со 80.000 седишта.

(Фото: Дезин)

Формата на стадионот во Ал Вакра е преземeна од рибарски бродови наречени dhows, кои можат да се видат во градското пристаниште. Но, кога првпат беше претставено визуелното решение на стадионот, многумина го споредија со женските гениталии. Стадионот има покрив кој целосно може да се затвори, овозможувајќи ладење на посетителите, како и користење низ цела година.

Легендарната архитектка Хадид, добитничка на Прицкерова награда, го основала студиото во 1980. Таа почина во 2016 и оттогаш студиото го води Патрик Шумахер.