Италијанците живеат за храната, а сите други јадат за да живеат. И да разговараш со таксист од Италија или со некој аристократ, сите зборуваат за храната на ист начин, вели холивудскиот актер Стенли Тучи за неговата кулинарска емисија „Тучи во Италија“.
Тучи, најпознат по улогите во „Конклава“, „Ѓаволот носи Прада, „Џули и Џулија“, „Игри на гладните“, во интервју за „Ројтерс“ вели дека да се води емисија е потешко од глумата, бидејќи „мора да се прикажеш како вистинскиот јас“.
Серијата од пет епизоди го прикажува Тучи како разговара со готвачи, земјоделци, трговци и обични Италијанци за нивната храна и традиции.
„Емисијата е истражување на она што ја сочинува Италија низ призмата на храната“, вели Тучи, кој има италијански корени. Тој патува во Тоскана, Ломбардија, Трентино-Алто Адиџе, Лацио и Абруцо.
„Кога и да се сретнат Италијанците, тие зборуваат на ист начин за храната, со иста длабочина. Не познавам ниедна друга култура која тоа го прави на тој начин“, вели глумецот, кој има издадено неколку книги за готвење и имаше една кулинарска емисија „Барајќи ја Италија“.
„Тучи во Италија“ се емитува на „Дизни плус“ и на „Нешнл џиографик“.