СЛАДОЛЕД ОД ТАЈВАН Е ЕДИНСТВЕН ВО СВЕТОТ СО „МИШЕЛИН“ ЅВЕЗДА

Тајпеј, (Си-Ен-Ен)

Слаткарницата „Минимал“ во градот Таичунг на Тајван е единствениот угостителски објект во светот чиј сладолед има добиено ѕвезда „мишелин“.

„Фокусирајќи се на мраз и сладолед, ресторанот вешто ги обложува вкусовите и текстурите преку температурни варијации и креативни комбинации, користејќи уникатни локални состојки од Тајван. Прецизните вкусови, деликатноста и зрелите, вешти техники нѐ импресионираа и достигнаа повисоко ниво, гарантирајќи ја ‘мишелин‘ ѕвездата“, стои во текстот на „Мишелин“ за „Минимал“.

Основачот на „Минимал“, Арвин Ван, вели дека уште како дете бил опседнат со мраз.

„Моето семејство имаше фрижидер со две врати со инсталиран апарат за мраз. Секој ден јадев коцки мраз“, се сеќава тој.

Така младиот Ван почнал да експериментира со ставање различна храна во замрзнувачот.

Фото: „Минимал“

Дури години подоцна ја претворил својата страст во професија. Завршил кулинарско училиште, во 2014 почнал да работи во продавница за сладолед, а од 2016 до 2019 работел во „Сур“, современ тајвански ресторан во Тајчунг, кој ја заработи својата прва ѕвезда „мишелин“ во 2021. Ван работел како главен слаткар во ресторанот, но замина во 2019 за да се врати на својата вистинска страст – мразот.

„Десертите често не се најважниот дел од оброкот во ресторан. Тие се повеќе како завршница, акт за поддршка. Јас навистина сакам само мраз. Не чувствувам исто за другите десерти. Затоа, само сакав да направам мраз, но не можете едноставно да служите мраз како десерт цела година“, вели тој.

Фото: „Минимал“

„Минимал“ го отворил во 2021. Името на локалот се однесува на номиналниот број елементи во сладоледот кои ја создаваат неговата мазна текстура, како и естетскиот стил.