БРИТАНСКО ШОУ СО НАЈГОЛЕМИТЕ ХИТОВИ НА КОРЕЈСКИОТ ПОП ВО СКОПЈЕ НА 28 ФЕВРУАРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 28 февруари во Скопје ќе се изведе мултимедијалниот настан „К-поп: Засекогаш“, концерт на трупа од Англија со хитови од корејската поп музика и од филмскиот хит на „Нетфликс“, „К-поп: Ловци на демони“ (фото).
Концертот на „Тејлор ентертејнмент“ ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“, а го организира „Прагма продукција“. „Тејлор ентертејнмент“ има организирано трибјут концерти со хитови од ѕвезди како Тејлор Свифт и Сабрина Карпентер.
На концертот во Скопје ќе настапат четворица пејачи и четворица танчари, а се најавува шоу со ЛЕД екрани во ултрависока резолуција и моќни визуелни и специјални ефекти. 
„Публиката ќе ужива во интерпретациите на хитовите што ги поставија ‘Би-Ти-Ес’ на врвот на светската поп-култура, моќната женска енергија инспирирана од ‘Блекпинк’, експлозивните кореографии на ‘Твајс’, романтичните мелодии на ‘Меломанс’ и во заразната поп-експлозија на ‘Хантер/Икс’ и ‘Саџа бојс’“, велат од „Прагма“. 
Филмот „К-поп: Ловци на демони“, кој е инспирација за ова шоу, собра повеќе од 250 милиони прегледи во првите три месеци. Хитот „Golden“ доби номинација за Греми за песна на годината.  
Картите по цена од 1.000 денари се пуштени во продажба.