„Тумбао салса бенд“ ќе одржи концерт на 31 октомври во Националната опера и балет од 20 часот. Бендот кој 20 години го води познатиот музичар Петар Ренџов го имаше последниот поголем концерт во Скопје во 2015. Тоа беше и последниот концерт во Универзална сала пред да се затвори.
Гости на концертот ќе бидат Ивана Стојановска, Биљана Ѓошева, Ристо Самарџиев и Мики Јовановски-Џафер.
„Приказната на ‘Тумбао салса бенд’ е единствена и специјална, со себе ја носи ритмиката на карипскиот звук, што ја проширува базата на македонската традиционална музика, која е создавана под влијание на турската и блискоисточната култура. Оваа приказна трае веќе 20 години и содржи автентичен звук и доживувања кои повикуваат на среќа, игра, љубов и опуштеност. Ваквиот пристап ја проширува и надополнува нашата традиционална народна музика и дава нов квалитет. Нашите два последователни концерта на 4 и 5 март во 2015 беа последната музика што Универзална сала им ја даде на скопјани. Утредента, митингот на некои ‘важни’ политичари ги затвори нејзините врати. Оваа приказна има мотив и инспирација да патува низ времето и да облагородува зашто е создадена од духовноста на неколкумина блиски и искрени музичари кои цврсто веруваат во широкиот спектар на можности што ги нудат конекциите на македонската со култури со есенцијална содржина, како што се традиционалната кубанска и џез музика“, ни рече Петар Ренџов и додава дека концертот ќе биде вечер на македонско-кубанска музичка среќа.

Концертот во Универзална сала во 2015 беше еден од највеселите во тој период. Столчињата од партерот беа извадени. Водителката Марјана Станојковска, која се занимава и со танц и танчарот Илија Карадаковски ѝ покажуваа кореографии на публиката, која танцуваше со нив. Билетите за концертот се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.
М. ЏАРОВСКА