„Ред хот чили пеперс“ разјаснија дека на креативно ниво немале никаква врска со новиот документарец на „Нетфликс“ за раната фаза на бендот, но се надеваат дека тој ќе предизвика интерес за нивната работа. Како што објави „Нетфликс“ пред нова година, филмот ќе се осврне на почетоците на славната рок група и на влијанието на нејзиниот оригинален гитарист Хилел Словак, кој почина од предозирање со дрога во 1988.
Режиран од Бен Фелдман, „Подемот на Ред хот чили пеперс“ вклучува изјави од фронтменот Ентони Кидис и басистот Фли, а премиерата е закажана за 20 март.
„Во својата суштина, ова е длабоко лична приказна – за пријателствата што ги обликуваат нашите идентитети и за трајната моќ на врските создадени во адолесценцијата. Тие пријатели продолжија да го создаваат еден од најголемите рок бендови во историјата“, рече Фелдман.
Бендот објави соопштение во кое се огради од проектот.
„Пред околу една година бевме замолени да бидеме интервјуирани за документарец за Хилел Словак. Тој беше еден од основачите на групата, одличен гитарист и пријател. Се согласивме да бидеме интервјуирани од љубов и почит кон Хилел. Сепак, ова не е документарец за ‘Ред хот чили пеперс‘. Ние немавме никаква креативна врска со тоа. Централна тема е Хилел Словак и се надеваме дека ова ќе предизвика интерес за неговата работа“, напиша бендот на Инстаграм.
Словак беше еден од основачите на бендот во 1983 и свиреше на првите три албуми, пред да почине на 26 години.