ДОМЕ, СЛАТКИ ДОМЕ – ЕМОТИВЕН КОНЦЕРТ НА КЛАРИНЕТИСТОТ БЛАГОЈ ЛАМЊОВ ОД ШВЕДСКА ВО РОДНИОТ ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

„Доме, слатки доме“, вака Благој Ламњов ги поздрави своите сограѓани во Велешкиот театар, каде што одржа солистички концерт на кларинет. Публиката коментираше дека ова е вистинска реткост, ако не и единствен концерт на кларинет одржан во Македонија. Ламњов, кој допатува од Шведска, каде што работи и живее, донесе многу топлина и нежност преку неговиот инструмент.

„Дома си е дома, благодарам што дојдовте да ме поддржите. Имам малку трема, бидејќи настапот пред своите ме обврзува. Ова е мој прв концерт во Македонија“, кажа Ламњов.

Тој има настапувано во Шведска, Норвешка, Кина и Јапонија. Како слободен уметник свири и во Операта на Малме и Филхармонијата во Хелсингборг. Знае да свири и гајда, тапан, зурла, саксофон.

Фото: СМАРТ СДК.МК

„Овој концерт е како да стоите на некоја карпа над Вардар, Бабуна или Јадран и сакате да скокнете. Така и јас стоев неколку години, дали да скокнам или не, да одржам концерт или не, сѐ додека еден човек не ме бутна во водата. Тоа е Петер Тегнер од Шведска, тој ме охрабри да скокнам, поточно да одржам свој солистички концерт“, рече Ламњов.

Двајцата беа на сцената и ги изведоа нумерите од првиот албум на Ламњов, „Носталгична љубов“, издаден пред пет години. Тој откри дека во април го снимил продолжението „Носталгична љубов 2“, кое планира да го промовира во септември или октомври.

Ламњов настапи заедно со Петер Тегнер од Шведска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во салата на Велешкиот театар публиката со аплаузи ги испрати Ламњов и неговите изведби, посебно на македонските народни класици „Јовано, Јованке“, „Елено ќерко“ и „Налеј налеј“, а на бис публиката ја пееше „Се посврши сербeз Донка“.

Во изведбата на орото „Скопско“ Ламњов имаше придружба од четиричлен состав со традиционални македонски инструменти. Тој утревечер (5 јуни) ќе има концерт во Битола.

П. ПЕЧКОВ