По шестмина британски и ирски бели актери, тајниот агент 007 станува млада црномуреста жена.

Ова денеска го објавија британските медиуми, повикувајќи се на извор од снимањето на 25. филм за Џејмс Бонд, во кој Лашана Линч е најавена како нов агент 007.

Во романите на Ијан Флеминг, 007 е кодно име, не личност, што објаснува зошто Џејмс Бонд не остаре во изминатите четири децении. Даниел Крег објави дека веќе нема да го игра Џејмс Бонд, а негова замена засега не е потврдена. Во сцена од новиот филм, М го назначува ликот на Линч за нов 007.

Триесет и едногодишната Линч беше практички непозната за пошироката јавност до улогата на пилотката Марија Рамбо во „Капетанка Марвел“ (2019), најдобрата пријателка на насловниот лик Керол Денверс. Нејзината прва филмска улога датира од 2012 година, а потоа главно се појавуваше во британски ТВ-серии. „Капетанка Марвел“ ѝ е прва голема улога во Холивуд, а во „Бонд 25“ игра лик со име Номи.

Почнувајќи од 1962 година, Џејмс Бонд го играа Шон Конери, Џорџ Лејзнби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и сега, Даниел Крег. Продуцентката Барбара Броколи минатата година изјави дека „Џејмс Бонд никогаш нема да биде женско“, додека јавноста најмногу навиваше тоа да биде Идрис Елба.