ЏОН КРАСИНСКИ ЌЕ ГО РЕЖИРА И ТРЕТИОТ ДЕЛ ОД ХОРОРОТ „ТИВКО МЕСТО“

Лос Анџелес, (АП)

Џон Красински ќе биде режисер, сценарист и продуцент и на третиот дел од филмот „Тивко место“. Премиерата е закажана на 9 јули 2027 во киносалите, соопшти „Парамаунт“.

Првиот филм, кој излезе во 2018, постигна голем успех на киноблагајните, заработувајќи околу 341 милион долари низ целиот свет со буџет од само 17 милиони долари. Исто така, го етаблираше Красински, кој глумеше заедно со неговата сопруга Емили Блант во постапокалиптичниот хорор, како реномиран режисер. Тој се врати да го напише и режира „Тивко место 2“, чиешто објавување беше одложено повеќе од една година поради ковид-пандемијата.

Франшизата, исто така, се прошири за да вклучи и приквел, „Тивко место: Прв ден“. Красински го продуцираше, но режисер беше Мајкл Сарноски. Вкупно, трите филма заработија над 892 милиони долари.

Засега не се објавени други детали за глумците или сценариото.

(Фото: „Парамаунт“)