ЏОН ЛИТГОВ КАКО ЏОКЕР? ТРАВОЛТА КАКО ФОРЕСТ ГАМП? – АКТЕРИ КОИ ОДБИЛЕ ГОЛЕМИ УЛОГИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Скршенгрб планина“, геј-романсата која ги прослави Хит Леџер и Џејк Џиленхал, беше голем комерцијален успех и освои три оскари, но продуцентите имале големи проблеми да најдат актери за двете главни улоги.

Гас ван Сант, кој почна да го работи филмот, откри дека бил одбиен од Бред Пит, Леонардо ДиКаприо, Мет Дејмон и Рајан Филип, а Марк Волберг кажа дека „малку се уплашил“ кога го прочитал сценариото.

„Сите тие млади господа го одбија проектот од различни причини“, потврди и продуцентката Дајана Осана.

Сепак, Холивуд е полн со примери на вакви лоши проценки на актери.

ЏОН ЛИТГОВ – „БЕТМЕН“

На Литгов дури двапати му било понудено да го игра Џокер, најголемиот непријател на Бетмен, вклучувајќи го и блокбастерот на Тим Бартон од 1989 година.

„Мојата најлоша аудиција во кариерата беше за ‘Бетмен‘ на Тим Бартон. Упорно ги убедував дека не сум вистинскиот за таа улога и на крај успеав“, призна Литгов лани.

Улогата ја доби Џек Николсон и тој до денес останува ненадминливиот Џокер.

ЕМА ВОТСОН – „ЛА ЛА ЛЕНД“

Ема Стоун доби оскар за најдобра женска улога, но ликот на Мија првично бил наменет за Ема Вотсон.

„Моето име се спомнуваше во раната фаза на проектот, но ништо всушност не беше договорено“, појасни ѕвездата на серијалот Хари Потер.

Вотсон во исто време го сними „Убавицата и ѕверот“, кадешто, исто така, доби можност да ги покаже своите пејачки и танцувачки таленти.

ШОН КОНЕРИ – „ГОСПОДАР НА ПРСТЕНИТЕ“

„Никогаш не го разбрав. Ги прочитав и книгата и сценариото, го гледав и филмот, но сѐ уште не го разбирам“, рече легендарниот Шкотланѓанец зошто ја одбил улогата на Гандалф, што го прослави Јан Меккелен.

ЏОН ТРАВОЛТА – „ФОРЕСТ ГАМП“

Сега е малку за верување дека некој друг би можел да го одглуми Форест Гамп освен Том Хенкс, но Роберт Земекис навистина првично му ја понудил насловната улога на Траволта. Тој одбил заради „Евтини приказни“ на Тарантино и овие два филма се соочија во оскаровската трка во 1995 година.

ВИЛ СМИТ – „МАТРИКС“

Освен што го одбил Тарантино за „Џанго“, Вил Смит призна дека никогаш не би се снашол во улогата на Нио во „Матрикс“.

„Тоа беше тежок концепт. Едноставно, не се гледав во таа улога. Го гледав Кијану Ривс и мислам дека јас би ја упропастил улогата, што ретко го признавам. Во тој период, не бев доволно умен актер за улогата што се бараше за таков филм“, кажа Смит.

КРИСТИНА ЕПЛГЕЈТ – „РУСОКОСАТА ОД ХАРВАРД“

Улогата на Ел Вудс се чини како совршена за Риз Видерспун, но таа воопшто не била прв избор. Еплгејт одбила затоа што претходно играла слична улога во една ТВ-серија.

„Не сакав да се повторувам. Колку глупав потег беше тоа“, призна Еплгејт подоцна.