„ДОАЃАЊЕ ВО АМЕРИКА 2“ ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕН НА „АМАЗОН“ ВО МАРТ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Долгоочекуваното продолжение на хит комедијата „Доаѓање во Америка“ ќе излезе во март на стриминг платформата на „Амазон“. Оттаму објавија дека ги откупиле правата за светско прикажување на филмот, кој ќе се најде во програмата на „Амазон прајм“ од 5 март.

Во продолжението насловено „Coming 2 America“, кое следува 33 години по првиот филм, новокрунисаниот крал на Замунда, Аким (Еди Марфи) и неговиот најдобар пријател Семи (Арсенио Хол) се враќаат во САД за да живеат во Квинс, Њујорк. Голем дел од оригиналната актерска постава ќе ги повтори своите улоги, вклучувајќи го 89-годишниот Џејмс Ерл Џонс, а меѓу новите имиња се Весли Снајпс и Трејси Морган.

„Парамаунт“ одлучи да склучи договор со „Амазон“ откако беше откажано прикажувањето на филмот во кината поради пандемијата на коронавирусот.