ГЕРМАНИЈА ПОЧНУВА СО РАЗВОЈОТ НА ЕКОЛОШКИ ВОЗОВИ СО ПОГОН НА ВОДОРОД КОИ ТРЕБА ДА ГИ ЗАМЕНАТ ДИЗЕЛСКИТЕ

Берлин, (Дојче веле)

„Сименс“ и државната компанија „Дојче бан“ ги објавија плановите за развој на возови со погон на водород, кои треба да бидат тестирани во 2024 година, со цел да ги заменат дизелските возови во германската железничка мрежа.

Место да користат конвенционално дизелско гориво, овие возови би се движеле на струја добиена преку реакција на водород и кислород, чиј единствен нуспроизвод е вода. Тие би имале домет од 600 километри и максимална брзина од 160 километри на час и во „Дојче бан“ веруваат дека еден ваков воз би го намалил загадувањето за 330 тони јаглероден диоксид годишно.

Пробното возење ќе се одвива меѓу три града во сојузната покраина Баден-Виртемберг и на оваа маршрута ќе се инсталира и нова станица за полнење, за што на возот ќе му требаат само 15 минути.

„Фактот дека водородните возови може да се наполнат со гориво за исто време како дизелските покажува дека преминот кон еколошка железница е можен“, изјави Сабина Јешке, членка на бордот на „Дојче бан“.

Иако голем дел од германската железница е електрифициран, речиси 40% од системот, односно околу 1.300 возови, и натаму се на дизелски погон. „Дојче бан“ планира целосно да ги исфрли дизелските возови од употреба до 2050 година.