ФИЛМОТ „СТРАСТА НА ДОДЕН БУФАН“ НА 1 МАРТ ГО ОТВОРА МЕСЕЦОТ НА ФРАНКОФОНИЈАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со проекцијата на филмот „Страста на Доден Буфан“ во скопското кино Милениум, на 1 март во 20 часот ќе се отвори Месецот на Франкофонијата. Филмот на режисерот Тран Ан Хунг е француско-белгиска копродукција, со Жилиет Бинош, Беноа Мажимел и Емануел Сaленже во главните улоги. Номиниран е за три награди Цезар во 2024 и лани доби награда за сценографија на Канскиот фестивал.

„Предупредување: филмот ќе ги стопи и најтврдите срца. Снимен со неверојатни префинетост и нежност, ‘Страста на Доден Буфан’ е мало чудо кое ќе направи да се вљубите во двојката Жилиет Бинош-Беноа Мажимел. Во филмот на неверојатен начин се прикажани уметноста на грижливото готвење и свесната дегустација“, напишаа француските медиуми.

Настанот ќе го отворат францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и Дејана Поповска, македонска актерка која живее и работи во Париз. Бесплатни влезници за проекцијата се резервираат преку [email protected].

Манифестацијата Празник на Франкофонијата годинава ја организираат амбасадите на Франција и Швајцарија во Македонија и Францускиот институт во Скопје.