Македонија се вклучува во одбележувањето на 100 години од раѓањето на великанот на светската кинематографија Ингмар Бергман (1918-2007), чии филмови од денеска ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија.

Во рамките на настанот насловен „Филмски циклус: 100 години Бергман“ ќе можат да се погледнат осум филма од опусот на легендарниот шведски филмаџија, кој дури девет пати беше номиниран за Оскар, но никогаш не го освои, како и два документарци снимени за него.

Серијалот стартува вечерва во 20 часот, кога ќе биде прикажана драмата „Лето со Моника“ од 1953 година.

Во наредните денови, па до 4 октомври, љубителите на Бергман ќе можат да ги гледаат и документарниот филм од 2005 година „Островот Бергман“, потоа „Седмиот печат“ (1957), „Навлегувајќи во Бергман“ (2013), „Диви јагоди“ (1957), „Персона“ (1966), „Есенска соната“ (1978), „Фани и Александер“ (1983) и „Сарабанд“ (2003), што е негов последен филм.

Овој настан се одржува во соработка со амбасадата на Кралството Шведска во Скопје.