Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, освои награда за најдобар анимиран филм на Меѓународниот филмски фестивал во Аријано, Италија.
„Филмот успеа да нè маѓепса со своите нескротлива креативност, зачудувачки стил и способност да ги истражува чудата и тајните на вселената. Секој кадар е триумф на имагинацијата – со ликови со чудни сличности и пејзажи исполнети со необични вонземски светови. Филмот претставува доказ дека анимацијата може да биде моќно средство за истражување на длабоки теми, притоа нудејќи забава, емоции и визуелна магија“, стои во образложението на жирито
Гости на фестивалот беа италијанскиот режисер Матео Гароне и Ралф Мачио, ѕвездата на „Карате кид“.
Ова е второ меѓународно признание за „Јон Вардар“, откако беше прогласен за најдобар долгометражен филм на 9. Филмски фестивал во Портовјехо, Еквадор.
„Ова претставува големо охрабрување за целиот тим што работеше на филмот. Особено ме радува што ‘Јон Вардар против галаксијата‘ е препознат и ценет не само од фестивали посветени на анимацијата, туку и од жанровски фестивали и манифестации со различни профили и сензибилитет кон филмската уметност“, изјави Цветановски.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.