ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ СПОРЕД ХИТ-СЕРИЈАТА „НА ЛОШ ПАТ“

Лос Анџелес, (Индипендент)

Пет години откако беше емитувана последната епизода од ТВ-серијата „На лош пат“ (Breaking Bad), приказната се враќа во форма на филм.

„Вараети“ објави дека креаторот на серијата Винс Гилиган работи на проектот. Нема повеќе детали за филмот, освен краткиот синопсис објавен во „Албукерки џурнал“, во кој стои дека тој ја следи приказната на киднапиран маж и неговата борба за слобода.

Нема информации ни дали филмот, за кој медиумите пишуват дека има работен наслов „Greenbrier“, ќе се прикажува во кината или на телевизија, но ќе почне да се снима во текот на месецов и продукцијата ќе трае до февруари 2019.

„На лош пат“, која многумина ја сметаат за една од најдобрите серии на сите времиња, се емитуваше од 2008 до 2013 година и освои два златни глобуси.