ИЛХАН ОМАР – БЕГАЛКА ОД СОМАЛИЈА КОЈА СТИГНА ДО АМЕРИКАНСКИОТ КОНГРЕС

Вашингтон, (разни извори)

„Овдека во Минесота, ние не само што примаме имигранти, ние ги праќаме во Вашингтон“, изјави Илхан Омар, откако ја победи републиканската противкандидатка Џенифер Зјелински на изборите за Претставничкиот дом.

Триесет и седумгодишната Омар ноќеска испиша историја, станувајќи една од двете муслиманки кои беа избрани во Конгресот, заедно со Рашида Тлаиб, на која тоа ѝ успеа во Мичиген.

Но, за разлика од Тлаиб, која е родена во Детроит во семејство на палестински доселеници, Омар имала далеку потежок и потрагичен животен пат.

Илхан е родена во Могадишу како најмлада од седумте деца и мајка ѝ починала кога била мала, по што ја одгледале татко ѝ и дедо ѝ. По почнувањето на граѓанската војна во Сомалија во 1991 година, таа со семејството пребегнала во Кенија, кадешто четири години живееле во бегалски камп. Во САД дошле во 1995 година, кадешто Омар го завршила школувањето со диплома по политички науки и меѓународни односи. Подемот во политиката го најави кога пред две години беше избрана во локалниот конгрес на Минесота.

„Политиката на страв на Доналд Трамп ме мотивираше да влезам во трката за Конгресот. На овие избори, луѓето гласаа за единство, место за поделеност“, кажа Омар.

Таа ќе биде и првата конгресменка која ќе носи хиџаб.