Филмот за сериски убиец „The Devil in the White City, со кој една деценија се поврзуваат Леонардо ДиКаприо и Мартин Скорсезе, конечно би требало да се сними. Според сајтот „Дедлајн“, проектот го презело холивудското студио „20 сенчури фокс“, кое сега е подружница на „Дизни“.
Филмот би бил адаптација на истоимениот роман на Ерик Ларсон и го следи озлогласениот убиец Х. Х. Холмс, кој мачел и убил десетици луѓе во 1890-тите. Тој бил осуден и погубен во 1896.
ДиКаприо ги откупил правата за книгата во 2010, а пет години подоцна беше најавено дека филмот ќе го режира Скорсезе. Иако сценариото било завршено, филмот никогаш не бил снимен, по што проектот беше претворен во серија за стриминг платформата „Хулу“ во 2022. Во главната улога требаше да биде Кијану Ривс, но и тоа беше откажано откако Ривс се повлекол.
Засега не е познато кога би се снимал филмот, особено што Скорсезе моментално подготвува три филма, од кои еден документарен.
(Фото: Епл)