КРИСТЕН СТЈУАРТ ГИ ВООДУШЕВИ ВЕНЕЦИЈА И КРИТИЧАРИТЕ КАКО ПРИНЦЕЗАТА ДИЈАНА

Венеција, (Ројтерс)

Кристен Стјуарт беше одлично прифатена на Венецискиот филмски фестивал за својата интерпретација на принцезата Дијана во „Спенсер“, кој вчера имаше премиера и некои критичари веќе ја истакнуваат како фаворитка за оскар.

Во режија на Чилеанецот Пабло Лараин, филмот се фокусира на еден клучен викенд од животот на Дијана. Таа ги поминува божиќните празници со членовите на кралското семејство на имотот во Норфолк и таму носи одлука да стави крај на бракот со принцот Чарлс. Дијана во филмот е прикажана како изолирана и отуѓена од остатокот на кралското семејство, со исклучок на децата Вилијам и Хари и посакува да се ослободи од правила и традиции.

Критичарите го фалат британскиот акцент на Стјуарт, а „Дејли мејл“ ја опиша како спектакуларна.

„Кристен Стјуарт е толку одлична што заслужува оскар. На Меган Маркл ќе ѝ се допаѓа филмот“, напиша критичарот на „Телеграф“, Роби Колин.

Стјуарт вели дека и покрај тагата што се провлекува низ филмот, многу уживала да ја игра Дијана и да ги доловува нејзините манири и однесување.