Меланија Трамп ја заокружува својата прва година како прва дама на САД со објавување документарец за 20-те дена пред враќањето на сопругот Доналд Трамп во Белата куќа. „Меланија“ премиерно беше прикажан во центарот „Кенеди“, пред да биде објавен во повеќе од 1.500 киносали во САД и низ целиот свет.
„Сакам да ѝ го покажам на публиката мојот живот, што е потребно за повторно да се биде прва дама и транзицијата од обичен граѓанин назад во Белата куќа“, изјави Меланија Трамп.

Таа рече дека гледачите ќе видат како таа ги води своите бизниси и филантропијата, како се грижи за своето семејство и како го гради својот тим во Белата куќа.
„Прекрасен е, емотивен и модерен и многу сум горда на него“, рече првата дама.
Документарецот во режија на Брет Ратнер е продуциран од „Амазон МГМ“ и се вели дека чинел 40 милиони долари. Доналд Трамп кажа дека првпат го гледал речиси двочасовниот филм на приватна проекција во Белата куќа изминатиот викенд.
„Мислам дека е одличен. Навистина враќа гламур што едноставно повеќе не го гледате. На нашата земја можеби ѝ треба малку од тоа“, кажа Трамп.
(Фото: АП)