Оскаровката Мерил Стрип ќе ја игра Џони Мичел во биографски филм за 82-годишната американска музичарка, кантавторка и уметница во режија на Камерон Кроу, објави „Ролинг стоун“.
Кроу, чиј најпознат филм е музичката драма „Almost Famous“, е поврзан со проектот веќе неколку години и во 2023 изјави дека се надева дека пред 2026 ќе излезе филмот. Ања Тејлор-Џој се споменуваше дека ќе ја игра Мичел во младите години.
Пред три години, Кроу рече дека за разлика од поновите филмови базирани на кратки периоди од животите на Боб Дилан и Брус Спрингстин, овој филм не се базира на биографска книга за ѕвездата, туку на личното сведоштво на Мичел за нејзиниот живот.
„Тоа е животот на Џони низ нејзината призма. Тоа се ликовите кои влијаеле врз нејзиниот живот и оние кои ги знаете и многу кои не ги знаете. А, музиката е толку филмска“, изјави Кроу.
Стрип претходно има добиено две номинации за Оскар за улоги на музичарки од реалниот живот: виолинистката Роберта Гваспари во „Музика на срцето“ (Music of the Heart) од 1999 и насловната улога во „Флоренс Фостер Џенкинс“ од 2016 година, филм за животот на аматерската оперска пејачка.
(Фото: Гети)