НАПРОЛЕТ ПОЧНУВА СНИМАЊЕТО НА ЧЕТВРТИОТ ФИЛМ ЗА БРИЏИТ ЏОНС

Лондон, (Индипендент)

Бриџит Џонс се враќа на големото платно, јавуваат британските медиуми. Снимањето на четвртиот дел ќе почне во мај, 23 години по премиерата на првиот филм.

Рене Зелвегер ќе се врати во насловната улога и медиумите пишуваат дека таа веќе бара куќа во Лондон каде што би престојувала за време на снимањето заедно со својот партнер Ент Ентстед. Покрај неа, се очекува и Колин Фирт и Хју Грант да ги репризираат своите улоги.

Филмот наводно ќе се базира на романот на Хелен Филдинг „Bridget Jones: Mad About The Boy“ од 2013. Книгата ја следи 51-годишната Џонс како самохрана мајка на две деца која е активна на социјалните мрежи и на апликациите за запознавање.

Новиот филм доаѓа осум години по „Бебето на Бриџит Џонс“, во кој таа се омажи со Марк Дарси (Фирт) откако дозна дека тој е таткото на нејзиното дете.