НАСЛОВОТ НА НОВИОТ БОНД ФИЛМ ГО НАЈАВУВА ВРАЌАЊЕТО НА НЕГОВИОТ НАЈГОЛЕМ НЕПРИЈАТЕЛ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Новиот, 25. по ред филм за Џејмс Бонд ќе има работен наслов „Шатерхенд“, што го навестува и враќањето на неговиот најголем непријател Ернст Ставро Блофелд. Овој наслов се појави во холивудскиот магазин „Продакшн викли“, кој ги најавува филмовите што се во фаза на продукција.

Таму се вели и дека снимањето на филмот ќе почне на 6 април во Лондон, додека премиерата е поместена на 8 април 2020 година поради измени во сценариото. Во режија на Кери Фукунага, кој го замени Дени Бојл, тоа ќе биде последниот филм во кој Даниел Крег ќе го игра тајниот агент 007.

Шатерхенд е тајното име на суперзлосторникот и лидер на организацијата „Спектра“, Ернст Блофелд, во романот „Само двапати се живее“ од 1964 година. Фукунага претходно најави дека би сакал повторно да го види оскаровецот Криштоф Валц во оваа улога.

Освен Валц, Блофелд во минатото го играа и Доналд Плезенс, Тели Савалас, Чарлс Греј и Макс фон Сидов.