Со доделувањето на почесните награди „Златна грива“ вчера беше отворено десеттото издание на филмскиот фестивал Киненова во Скопје. Годинашните добитници се норвешката актерска легенда Лив Улман, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски и норвешкиот режисер и сценарист Даг Јохан Хаугеруд.
Осумдесет и шестгодишната Улман не дојде во Скопје, туку се заблагодари преку писмено обраќање, додека Хаугеруд (фото) лично ја прими наградата и во рамките на фестивалот денеска одржа мастерклас на Факултетот за драмски уметности.
Хаугеруд гостува во Скопје неколку месеци откако неговиот филм „Сништа“ освои Златна мечка за најдобар филм на Берлинскиот фестивал.
Филмската програма на фестивалот ја отвори „Изгубениот сон на тимот од соништата“ на хрватскиот режисер Јуре Павловиќ, а до крајот на фестивалот на 5 октомври ќе се прикажат уште 18 филмови.
(Фото: Киненова/Фејсбук)