ОБЈАВЕН ТРЕЈЛЕРОТ ЗА ФИЛМОТ ЗА МАЈКЛ ЏЕКСОН, ВО КИНАТА ИГРА ОД 24 АПРИЛ

Лос Анџелес, (Вараети)

„Лајонсгејт“ го објави трејлерот за „Мајкл“, биографскиот филм на режисерот Антоан Фукуа за животот на „кралот на поп-музиката“, Мајкл Џексон. Филмот во кината низ светот ќе игра од 24 април 2026. Светската ѕвезда почина на 50 години во 2009.

Џексон го игра неговиот внук Џафар Џексон, син на постариот брат на Мајкл, Џермејн Џексон. Трејлерот започнува со пејачот во студио со Квинси Џонс (Кендрик Сампсон), кој вели: „Знам дека долго го чекавте ова. Песните се направени, песните се готови. Да почнеме од самиот почеток“. Видеото содржи клипови од детството на Џексон и од легендарните настапи и музички спотови, вклучувајќи го и „Трилер“.

Продуцент е Грем Кинг, кој стоеше и зад „Боемска рапсодија“. Таткото на Мајкл, Џо Џексон, го игра Колман Доминго, а Мајлс Телер го игра адвокатот и советник на суперѕвездата Џон Бранка.

Првично беше најавено дека филмот ќе има премиера на 3 октомври 2025. Иако продукцијата на „Мајкл“ заврши во мај 2024, некои сцени беа преснимувани и холивудските медиуми пренесуваа дека филмот е поделен на два дела.

„’Мајкл’ го истражува патувањето на светската суперѕвезда до статусот на крал на поп-музиката, претставувајќи интимен поглед на животот и трајното наследство на еден од највлијателните уметници што светот некогаш ги познавал“, стои во најавата за филмот.